Прочка e еден од најголемите празници за нашиот народ. Се верува дека на овој ден небото и земјата се проштеваат, па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и згрешило на земјата со громови, марзеви, поројни дождови. А, луѓето затоа што секој некогаш греши, намерно или не, и никој не е безгрешен. Но, големината на верата е во проштевањето. Затоа луѓето, на овој ден треба да побараат прошка еден од друг. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, пријателот од пријателот.Откако трипати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што му се одговара „Простено да ти е и од мене и од Господ!“ Во некои делови на Македонија оној што бара прошка носи со себе портокал.

Исто така за овој празник се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Според традицијата, вечерата е богата со млечни производи, со пита со сирење и со јајца, а завршува со амкање јајца за децата (врзано јајце на конец на сукало со кој, постариот е седнат спроти децата и од подалеку го приближува јајцето до децата и тие треба да го фатат со устата). Сепак, вистинската смисла на сето тоа, според свештените лица е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце.

Со Прочка започнуваат и долгите велигденски пости, а според свештениците, целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Чистењето на душата е всушност главна задача во постот, и започнува на овој ден, а веќе утре на чист понеделник започнува и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.

Според познавачите, Црквата овој празник го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Вистинското покајание и простување треба да се случи во душата, инаку постот не ни започнал или започнал ама формално.

„На сите да им простиме сè. Дури и на непријателите. Така Господ направил. Бог бара од нас да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост.

Ако е до грешност и до казна, сите сме грешни и сите сме за казна. Но, Бог не нè повикал да судиме и да казнуваме, туку да простуваме. И поставила правило: Бог ќе ни ги прости нам гревовите, доколку и ние им простуваме на оние што ни згрешиле (Матеј 6,14-15;18,35). И рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).

Прости му целосно и сè. Ако не му простиш ти, ќе му прости Бог. Така ти си си наштетил себе си, а не нему. Колкупати да му простиме? Вака прашал и апостол Петар, а Христос му одговорил: „До седумдесет пати по седум“ (Матеј 18,22), што значи безброј пати.

Да му простиш некому, па тоа е вистинското дело на љубовта. Да ги избришеш сите навреди, лаги и клевети на другиот кон тебе е духовен херојство.