Според хронологијата на христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има христовата крв.Затоа црвената боја, симболизирајќи ја христовата крв од светата причесна ги украсува и велигденските јајца.Како што бојадисаните црвени јајца од Велики Четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики Четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскрене.

Вапцувањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во христијанскиот свет.Вапцувањето започнува на Велики Четврток кога домаќинките, рано наутро, пред изгревот на сонцето ги бојадисуваат првите три црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници.За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и Христијанството.

Велигденското јајце, црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруват на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале : Вистина Воскресе!

Црвената боја има симболика на победа.Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава.Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта Христова и на спасението.