Меѓу нашиот народ постојат повеќе обичаи и верувања поврзани со Велигден и деновите што му претходат, особено со Великата или Страсна недела. Многу од овие обичаи и верувања водат потекло од многу старо време.

На Велјасреда навечер се зачадува добитокот. На прагот од трлото се запалува сува лепешка и врз неа се ставаат разни треви за кои се верува дека имаат магиска моќ. За начадениот добиток се верувало дека е заштитен од болести и од разни други несреќи.

Со обичаи и со верувања особено е исполнет Величетврток. Главен обичај што се изведува на овој ден и со особено внимание е вапсувањето на Велигденските јајца. Според обичајот, најпрвин се вапсуваат три јајца, а потоа и останатите. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со првото јајце, за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и кај добитокот, заштитува од пожар, гром и сл. Јајцата ги вапсува домаќинката рано наутро, пред да изгрее Сонцето. Вапсани пред да ги види Сонцето јајцата, особено првото, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапса јајцата домаќинката не треба да биде гладна. По вапсувањето на јајцата, но пак пред изгрејсонце, домаќинката го зема првото јајце и ги погалува децата трипати по лицето уште додека се в постела, зборувајќи: „Црвено, бело, дебело“ или „Црвено, бело, здраво и живо“ што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е знак за здравје и за напредок.

Велипеток уште се вика и Распети петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа, овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи, дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Се оди во црква, каде што оставаат дарови на Христовото распетие, а цвеќе на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе, зема друго и го носи дома за здравје.

Некои саботата пред празникот, наречена Велјасабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Полноќта на Велика сабота, се оди во црква и сите присутни со песната „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Таму се останува до големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.

На Велигден рано наутро сите одат во црква за да чујат „Христос воскресе“ и да се причестат.

Обичај кај сите христијани бил и се уште е дарувањето велигденски јајца. При тоа се водело сметка секој член на семејството и секој гостин да добие јајце со одредена симболика. На пример момчињата и девојките добивале јајце со исцртано венче за да си најдат животен сопатник.