Главен обичај што се изведува на овој ден и со особено внимание е вапсувањето на Велигденските јајца. Според обичајот, најпрвин се вапсуваат три јајца, а потоа и останатите. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со првото јајце, за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и кај добитокот, заштитува од пожар, гром и сл. Јајцата ги вапсува домаќинката рано наутро, пред да изгрее Сонцето. Вапсани пред да ги види Сонцето јајцата, особено првото, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапса јајцата домаќинката не треба да биде гладна. По вапсувањето на јајцата, но пак пред изгрејсонце, домаќинката го зема првото јајце и ги погалува децата трипати по лицето уште додека се в постела, зборувајќи: „Црвено, бело, дебело“ или „Црвено, бело, здраво и живо“ што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е знак за здравје и за напредок.