Во христијанската религија, богата со празници, Велигден и Божик се празници над празниците. Според теолозите, Велигден ја дава смислата и суштината на христијанството и е потврда на верата, зашто, како што рекол Свети Павле: „Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше и нашата вера“. Етнолозите пак, сметаат дека Велигден не само што е најголемиот туку е и најстариот христијански празник, што се празнува од вториот век на нашата ера. На филозофско рамниште, Велигден на свој начин е празник – симбол на победата над смртта, ден кога (бого)човекот Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Во традицијата на македонските православни христијани, Велигден се пречекува со подолги подготовки и со посебна возбуда.

На овој празник му претходат долгите велигденски или Велики пости, кои траат седум седмици, не сметајќи ги Сиропусната недела, која е една седмица пред Прочка и Месопусната недела, една седмица пред неа.

Востановен уште во апостолските времиња, постот има цел христијаните да се подготват за достојно прославување на празникот. Во текот на овие велигденски пости преку самоконтрола, преку разни самоодрекувања, откажување од веселби, песни и сл. човекот во страдањата се доближува до својот Спасител, за со примањето на чесната причесна на самиот ден Велигден рано наутро да се идентификува со него, јадејќи ја нафората што го преставува Христовото тело и пиејќи го виното што ја преставува неговата крв.

Овој празник е спој на верата и традицијата.  Почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште од времето на светите апостоли – христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Хрисос Воскресе! На тоа отпоздравувале Вистина  Воскресе! Така поздравувајќи се, првиот  ја соопштува  веста за Христовото Воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и ден денес е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до  Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја ја преставува божјата сила и моќ. а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така бојата на јајцето не потсетува на крвта Христова и спасението.

Како што бојадисаните црвени јајца  од Велики четврток  се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание се смета дека Марија Магдалена прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца. Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено и јајце и го поздравила со зборовите Христос Воскресе. Потоа му раскажала за сѐ што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Велигден е радост за сите нас.  Тој ден семејството се собира на свечена домашна трпеза, која е многу богата и разновидна.

Инаку Велигден е менлив празник, односно не е секогаш на ист датум и месец. Се празнува по еврејски Пасха во првата недела на полна месечина, кога паѓа на самиот ден на пролетната рамноденица, или непосредно по неа. Најрано може да се падне на 4 април, а најдоцна на 8 мај.